Демократски сојуз: Владата да формира комисија за проверка на податоците од пописот

Пописот продолжува да ја бранува политичката сцена во Македонија. Денесека, пратеникот Павле Трајанов побара експертски тим да ги провери сите нелогичности и да се објават статистичките податоци, кои се одраз на реалните-фактички состојби во земјава.

-На денот на завршување на Пописот, 30 септември 2021 година, директорот на Државниот завод за статистика ја информира јавноста дека се попишани 1.832.696 лица (најверојатно без 132.260 лица кои не беа попишани, но покасно при обработка и проверки со вкрстување на податоци од евиденциите, дополнително се попишани и вградени во вкупниот број на резидентно население), 568.175 домаќинства и 837.255 станови, додека по обработката на податоците на 30.03.2022 година е објавено дека се попишани 1.836.713 вкупно резидентно население, 598.632 домаќинства и 839.174 станови. Разликата, односно порастот од 30.000 домаќинства (од завршувањето на пописот до објавата на податоците) не е можно да е статистичка грешка, ниту пак лапсус лингва. Овие податоци не кореспондираат со официјално објавените податоци по завршување на пописот, истакнуваат од оваа партија.

Посебно индикативни, како што велат, се информациите дека обработувачите на податоците од Државниот завод за статистика се соочиле со проблеми околу резидентни и нерезидентни лица за кои било тешко да се утврди во која група припаѓаат, при што имало процес на дополнителни проверки преку постојните евиденции (кои не се на високо оперативно ниво), но сепак се вградени во групата на резидентни лица. Според непотврдени информации се работи за околу 50.000 лица.

-Граѓаните искажуваат недоверба во објавените податоци и генералната оценка е дека пописот не е одраз на реалните состојби, при што се зголеми и недовербата кон институциите и власта во целина. Повеќе од јасно е дека граѓаните не треба да се делат по национална, јазична или верска основа, меѓутоа со Уставот и законите согласно Охридскиот Рамковен Договор (2001), дефинирани се права на етничките заедници кои зависат од процентуалната застапеност во вкупниот број на население, односно согласно амандман VI, точка 1 на Уставот, соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, поради што е битна и ваквата каректеристика, потенцираат од Dемократскиот сојуз.

Според нив, овие податоци, за резидентното и нерезидентното население, ако не се раздвојат, не може да се споредуваат со претходните пописи, ниту пак да се планираат стратегии за развој во различни области, ниту пак за научни цели, а уште помалку за остварување на права според етничката припадност.

Од партијата предлагаат како што истакнаа, Собранието на Македонија, да ги донесе следните предлог заклучоци:

Да се донесат измени и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите со кои од пописот ќе се изостават нерезидентите. Преку вкрстување на податоците од евиденциите, но и со директен контакт со лицата кои не се попишале, да се соберат податоците согласно прашалникот за попис. Владата да формира Експертска комисија составена од девет члена, која во соработка со Државниот завод за статистика и другите државни институции ќе ги провери податоците од пописот и ќе ги отстрани евентуалните грешки.

Претходна вестОд оваа година електронски уписи во средните училишта
Следна вестКомисијата препорача да не се носат веќе маски во затворено освен на неколку места