Демократскиот сојуз смета дека во Собранието има мнозинство пратеници кои можат да донесат одлука за распуштање на Парламентот, со што ќе се создадат услови за одржување на вториот круг претседателски и парламентарни избори во ист ден. Од 13 март 2024 година почнуваат уставните и законските рокови за одржување претседателски избори, при што парламентарните партии кои можат да формираат мнозинство за распуштање на Парламентот треба да го утврдат изборниот тајминг, велат од ова партија.
– По катастрофалниот Извештај на Европската Комисија и колапсот на владините институции, дуизацијата и криминализацијата на државата, сосема е извесно дека Владата нема легитимитет и натаму да владее. Натамошното опстојување на Владата под водство на ДУИ го загрозува единството и националните интереси на Македонија.
Ја поздравуваме најавата на Алијансата на Албанците дека не сака и натаму да биде „патерица на ДУИ“ и се приклучува на определбата на опозиционите партии за што е можно побрзо паѓање на актуелната Влада и организирање избори.
Се покажа дека ДУИ и СДСМ ниту се за ЕУ, ниту за реформи, туку со манипулациите за уставни измени купуваа време за да владеат.
Со измените на Кривичниот законик го урнисаа правниот поредок и обезбедија амнестија на сите оние што досега го направија грабежот на граѓаните кој се проценува на над 10 милијарди евра во последните дваесетина години.
За да има одговорност и коренити реформи мора да има промени.
Само чесни кадри со знаење и државничко искуство можат да воспостават систем на владеење на правото, да ги заштитат националните интереси и да отворат перспективи за развој, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.