Да се укинат привилегиите на поранешните претседатели бараат од Демократскиот сојуз. Од партијата велат дека неколкупати иницирале постапка за укинување на правата на Претседателот и неговото семејство по престанокот на функцијата, но Парламентот тие иницијативи не ги прифаќал.
– Со Законот за правата на Претседателот по престанокот на функцијата, покрај другото се предвидуваат следните привилегии: пензија во износ на платата што ја примал како претседател, канцеларии, тројца вработени, обезбедување, службен автомобил и возач, како и буџет од над 30.000 евра годишно.
Освен семејството на починатиот поранешен претседател Борис Трајковски, кое оправдано користи само дел од правата, во целост ги користат сите права поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.
Демократскиот сојуз смета дека без потреба се трошат огромни средства, бидејќи поранешните претседатели не извршуваат никакви активности, ниту им е загрозена личната безбедност, ниту пак нивната поранешна функција имала битно влијание во државата, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.
Од партијата го повикаа Уставниот суд по службена должност да иницира постапка за укинување на привилегиите на Претседателот на Македонија по престанокот на функцијата.