Пред 79 години, на денешен ден 9 мај 1945 година во разурнатиот Берлин со потпишување на безусловната капитулација на нацистичката Германија ставен е крајот на Втората светска војна. Со тоа е запрена најкрвавaтa и најтешкa глобалнa војнa на планетата. Со тоа беше победен фашизмот.
За време на шестгодишно војување беа изгубени над 50 милиони човечки животи од кои дури 20 милиони од Советскиот сојуз. Пострадаа и многу жители на Македонија. Фашистите дури измислија и фабрики на смртта, па во нацистичките логори беа убиени околу 12,5 милиони луѓе, од нив шест милиони Евреи.
Во спомен на денот кога беше запрена Втората светска војна денеска ќе се чествува меѓународниот празник 9 Мај – Денот на победата над фашизмот. На овој ден со бројни комеморации се оддава почитта кон сите паднати жртви во овој незапаметен воен конфликт кој се водеше меѓу фашистичките сили и антифашистичката коалиција.
Свој придонес во таа борба и победа даде и Македонија. Македонскиот народ како и други малцинства кои живеат во неа беа на страната на антифашистичката коалиција. Македонскиот народ во тие судбоносни моменти се определи против фашизмот, заедно со светската антифашистичка коалиција предводена од СССР, САД и Велика Британија, за борба против ропството – окупацијата. Македонскиот народ воедно се бореше и за остварување на вековниот сон за национална слобода и своја држава.
Во борбите против фашистичките окупатори, како и од зулумите на фашистите, според проценките на историчарите, во Македонија загинале 33.000 луѓе, вклучувајќи ги и преку 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрацискиот логор Треблинка. Материјалните штети што ги претрпе Македонија во текот на Втората светска војна, пак, беа огромни: разурнати или опожарени домови, индустриски капацитети и јавни објекти; наполно уништени сообраќајници; урнати мостови; уништена целата железничка мрежа…
Сето ова е резултат на воените дејствија кои на македонската територија почнуваат да се водат од април 1941 година, по капитулацијата на тогашното Кралство на Југославија, и кога голем дел од Македонија ја окупира Бугарија, а дел Италија. Но, македонскиот народ не се помирил со окупацијата и почнал да се организира за борба за ослободување.
Вкупниот број борци и старешини во воените единици во Македонија, во текот на Втората светска војна, ја надмина цифрата од 76.000. Оваа вооружена сила на македонскиот народ и националностите водеше секојдневни борби со германските нацистички сили, а исто така и со Петтата бугарска окупациска армија во Македонија, како и со балистичките формации во Западна Македонија.
Македонија е една од ретките земји во Европа која самата со своите сили се ослободи од фашизмот.
Како резултат на тоа се пристапи и кон создавањето на македонска држава. Во август 1944 година, беше одржано и Првото заседание на АСНОМ, на кој беа поставени темелите на македонската држава во состав на идната југословенска федерација. Со тоа се реализираа вековните стремежи на македонскиот народ за добивање национална и социјална слобода. Оттаму, Македонија го има своето заслужно место во конечната победа над фашизмот и со гордост го чествува денешниот Ден на победата над фашизмот заедно со другите народи кои во тие години застанаа на вистинската страна на борбата за слобода.