Во спомен на починатите, православните верници денеска ја одбележуваат Духовденска задушница, еден од најголемите христијански празници. Сеќавајќи се на покојните претци, верниците на овој ден се молат за простување на гревовите.
Ова е една од неколкуте Задушници коишто се одбележуваат во текот на годината, а се нарекува Духовденска бидејќи се одбележува пред утрешниот празник Духовден – денот востановен во спомен на слегувањето на Светиот дух на педесеттиот ден од Христовото воскресение. Овој чин на празникот Духовден се смета за основање на христијанската црква.
Спомнувањето на сите починати благочестиви христијани во саботата пред Педесетница е востановено затоа што со собитието на слегувањето на Светиот Дух се завршило домостроителството на спасението на човекот, а во тоа спасение учествуваат и упокоените.
Педесетница е еден од најсветлите празници во христијанството и претставува исполнување на старозаветните пророштва. Во Стариот завет луѓето знаеа само за Бог, со раѓањето на Христос го видоа Единородниот Син, а на Педесетницата го запознаа третото лице на Света Троица – Светиот Дух.
Црквата, која на Педесетница упатува молитви за оживотворување со Светиот Дух на сите живи, на самиот ден на празникот, ја проси и за упокоените благодатта на сесветиот и сеосветуваштиот Дух-Утешител и преку кого „живее секоја душа“. Затоа, навечерието на празникот, во саботата, Црквата го посветува за спомнување на починатите и за молитва кон нив.
Свети Василиј Велики, којшто ги составил молитви на вечерната на Педесетница, во нив говори дека Господ најмногу во тој ден благоволи да прима молења за умрените, дури и за оние коишто се „држени во адот“.
На денот на Задушница, се оди во црква, каде се одржува света литургија и панихида, на која свештеникот го прелива житото со вино, а по завршувањето на службата, се оди на гробовите на починатиот. Се палат свеќи на гробовите, а свештеникот изведува краток ритуал. Варената пченица се носи на гробиштата и во црквата, што нè потсетува на Христовите зборови дека житото носи плод само кога ќе умре, и тоа не во темница, туку во светлината на сонцето. Црвеното вино, со кое свештеникот го полева житото, ја означува Божјата милост со која се лекуваат раните на гревот.
Оние кои не се во можност да одат на гробиштата поради оддалеченоста, треба да одат во најблискиот храм и да извршат помен за своите покојни.
Бидејќи ова е денот кога посебно внимание се посветува на распределбата на милостина, задолжително е да се дава милостина на секој питач што ќе го сретнеме и да дадеме дел од храната што сме ја зеле со себе.