Денес протест во Тетово: Се бара правда околу стравичниот пожар во модуларната болница

Стравичниот пожар во Тетово кога изгореа 14 лица во модуларната болница се уште ја крева јавноста на нозе. За денес е најавен протест за правда и лоцирање на одговорноста за трагедијата од пред две години.

Протестот ќе се одржи во 12 часот пред Основниот суд во Тетово, a најавата за собирот се рашири преку социјалните мрежи.

Ова доаѓа по документарецот објавен од Истражувачката репортерска лабораторија насловен „Убиство во Тетово“. Тие споделија откритија, документи и направија реконструкција според искази од сведоци. Посочија дека објектите не се граделе според Законот за градење и немало соодветни материјали за заштита од пожари. Се осврнаа на германското вештачење кое беше изведено и во судница, каде токму несоодветната градба и лошата електрична инсталација се лоцирани како причина за пожарот.

Инаку, за овој случај имаше и обвинение, како и пресуда. Обвинителот ги гонеше двајцата ексдиректори на тетовската болница и докторот задолжен за модуларниот објект. Но не за причините за пожарот, туку бидејќи немало противпожарна заштита, а во објект се дозволувал влез на роднини, што во време на пандемијата беше забрането.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води уште една истрага, а која се однесува за тоа како е спроведен тендерот за изградба на сите модуларни објекти, дали се вградени сите материјали пропишани во техничката спецификација и каква била изведбата. Предметот е во фаза на истрага повеќе месеци.

Претходна вестВо Скопје се вози без дозвола, се поминува на црвено….
Следна вестКонечно, „Лајка“ заловува бездомни кучиња на неколку локации во Аеродром