Православните христијани денеска го слават празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица. Овој празник ја одбележува последната недела пред почетокот на Исусовите страдања, смртта и Воскресението.
Цветници се празнува ден по Лазарева сабота – чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос, шестата недела од Великиот пост, една недела пред Велигден. Се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, градот во кој по неколку дена ќе биде погубен. Кога Христос влегуваше во Ерусалим, луѓето го пречекуваа со извици, постилајќи ги облеките пред неговите нозе и засипувајќи го патот со маслинови гранчиња пречекувајќи го како цар.
На тој ден, Исус Христос, придружуван од своите ученици и мноштво народ, тргнал од Витинија за Ерусалим. Кога стигнал Исус до подножјето на маслиновата гора испратил двајца свои ученици во Витфагија да му донесат Осле (магаре). Учениците му донеле, ги ставиле на магарето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим, поздравен од мноштво народ. Според толкувачите на Светото писмо, Исус влегол во Ерусалим качен на магаре затоа што кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот како што Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исус, воодушевениот народ со цвеќе, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините“.
Цветници се празнуваат во неделата пред Воскресение. Претставуваат сигурно најдраматичниот празник меѓу Дванаесетте големи празници на Црквата. Го означуваат почетокот на најтешката седмица во историјата на човештвото, којашто се нарекува како „Страстна“.
Во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим, празникот Цветници е востановен уште од најрани христијански времиња, а свечено се одбележува од 3 век.
За овој празник врзани се и бројни обичаи. Во Скопско на Цветници се одело во црква од каде секој земал китка цвеќе, ја ставал во појас и ја носел цел ден. Во селата на Скопска Црна Гора тој ден се раздавал здравец, а по службата во црквата жените служеле баница, погача, ракија и слично. Во гостиварското село Вруток на празникот Цветници се одело по цвеќе. Интересен обичај што се изведувал на овој ден е обичајот Кошкање на децата. Во минатото на овој обичај му се посветувало големо внимание. Ги кошкале сите деца што биле родени меѓу двете лазареви саботи, што значи деца до една година.
Имиња кои денеска се слават: Аглика, Божур, Вероника, Виола, Виолета, Врба (л), Врбинка, Гергин (а ), Грозда, Далија, Делјан, Делјан, , Детелина, Елица, Јасмина, Здравко, Здравко, Зумбула, Ива, Игленка, Иглика, Калина, Камелија, Каранфилка, Китка, Латин (ка) Лилјана, Лила, Лили, Лоза, Љулин, Магнолија, Малин (а), Маргарит (а), Маргрет, Невен (а), Невен, Орхидеа, Ралица, Рене, Роза, Росен, Росица, Ружа, Темјанушка , Трендафил, Цена, Цвета, Цветелина, Цветан (ка), Цветин), Цветомил (а), Цветомир (а), Цветко, Јавор, Јасен, Јасмина…