Денеска е Митровден, празник на заштитникот на христијаните и предвесник на зимата

Празник посветен на големиот светител Свети Димитриј кој истовремено го симболизира и крајот на летниот и почеток на зимскиот период во годината одбележуваат денеска православните христијански верници во Македонија. Митровден секогаш се слави на 8 ноември, а во семејствата на верниците се прославува на традиционален начин.

Свети Димитриј се родил во Солун, во третиот век. Бил син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го поставил Димитриј на истото место и посебно му препорачал да ги гони христијаните. Но, Димитриј не само што не го послушал царот, туку спротивно, јавно Го исповедал и Го проповедал Христа Господа во градот Солун. Кога за тоа слушнал царот, многу се огорчил на Димитрија, па при враќањето од војната против Сармат, царот Максимијан навратил во Солун да ја испита работата. Тој го повикал војводата Димитриј и го испрашувал за верата. Димитриј јавно пред царот признал дека е христијанин и покрај тоа уште го изобличил царевото идолопоклонство. Разлутениот цар го фрлил Димитрија во затвор. Знаејќи што го чека, Димитриј го предал својот имот на својот верен ученик Луп за да го раздаде на сиромашните и заминал радосен во затворот, каде што му претстоело страдање за Христа Господа. Во затворот му се јавил ангел Божји и му рекол: „Мир на тебе, страдалнику Христов, биди маж и крепи се!“ По неколку дена, царот ги испратил војниците во затворот за да го убијат Димитриј. Тие го нашле Божјиот светител на молитва и го избодиле со копје. Неговото тело тајно го зеле христијаните и чесно го погребале. Од телото на Христовиот страдалник потекло исцелително миро со кое многу болни се излекувале. Наскоро над моштите била изградена мала црквичка. Некој илирски велмож, Леонтиј, бил болен од неизлечива болест. Тој дошол кај моштите на свети Димитриј со молитва и бил потполно излекуван. Од благодарност, Леонтиј изградил многу поголема црква на местото на старата. Светителот му се јавил двапати. Кога царот Јустинијан сакал да ги пренесе моштите на светителот од Солун во Цариград, од гробот се појавиле искри и се слушнал глас: „Застанете и не фаќајте!“ И така моштите на свети Димитриј останале засекогаш во Солун. Како заштитник на Солун, свети Димитриј многупати се јавувал и многупати го спасил Солун од големи неволји.

Освен вообичаениот обичај на носење леб и вино в црква (каде се осветува лебот), празникот се одбележува во семејството и за него не се поврзани некои посебни обичаи или обреди. Вечерта пред празникот се прави „заслуг“ (од заслужување) или „кана“ (од канење), при што поблиските се канат со лепче или со некој друг предмет. На денот на славата се дава ручек на кој се служат мрсни јадења, освен ако прзникот падне во ден кога се пости. Исто така, на гости се оди и следниот ден, претпладне. Инаку, сите луѓе кои се викаат Димитар, Димитрија, Диме, Митре или некоја друга варијанта, на овој ден слават именден, кој се прави навечер.

 

Се верува уште и дека какво е времето во овој ден таква ќе биде и целата зима. Ако е сончево, зимата ќе биде кратка, со малку ладни денови. Ако пак, на овој ден падне снег или температурите се многу ниски, се верува дека зимата ќе се задржи до март или април и дека ќе биде многу ладна.

Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…

Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.

Претходна вестБез струја делови од општините Илинден и Шуто Оризари
Следна вестОпожарено возило во Охрид