Денеска е Прочка, денот на меѓусебното простување пред велигденскиот пост

Денеска православните верници го празнуваат еден од најголемите христијански празници – празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади. „Прости ми, да ти простам“ со овие зборови денеска верниците, на големиот празник, ќе забораваат на кавгите, на проблемите, на недоразбирањето и со чиста совест и душа ќе ги започнат велигденските пости.

Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на  седум недели пред Велигден. За Прочка семејството би требало да го помине празникот во пријатна и топла атмосфера и со богата трпеза. На Прочка, според традицијата, се бара прошка. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот.

Проштевањето е духовно миење. Тоа е очистување на душата, односно, очистување на две души одеднаш. Се ослободува и оној што пришол кон другиот и оној што простил. Првиот, за да му пријде нему, веќе му простил и му приоѓа со љубов и покајание, а тој се топи од силата и топлината на љубовта и му ја дава сета своја љубов и прошка

На овој ден се изведуваат  богати обичаи како што се проштевањето, по што и празникот го добил името, потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници. Обичаите се стари и македонски, кои се пренесуваат од колено на колено меѓу генерациите. Од верски аспект, само простувањето како обичај има христијанска основа, додека други се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.

Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца. Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.

Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни. Тие содржат повеќе хумор и смеа кои се овосветски и земни, материјални димензии на човечкото празнување или испразнување.

Утредента, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога постот веќе започнал. Тоа е првиот ден од големиот Велигденски пост. Чист понеделник е така именуван затоа што започнува нешето очистување со постот – духовно и телесно.

Претходна вестШтипјанец приведен поради поседување марихуана
Следна вестПроменливо облачно и топло, од вечер дожд