Православните христијани во Македонија денеска го празнуваат споменот на Света преподобна маченица Параскева – Света Петка, познат и како Летна Света Петка. Култот кон оваа светителка е многу раширен меѓу народот, а таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести.
Во православниот каландар постојат три личности со исто име Света Параскева – Петка, поради што кај народот најчесто се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Првата е Света Петка – Римјанка, втората Света Петка од Иконија и третата Света Петка Епиватска, позната и како Трновска.
Преподобна маченица Параскева чиј спомен денеска се чествува е родена во Рим од родители христијани. Во нејзиното житие се вели дека таа како единствена ќерка им се родила по долги и искрени молитви. Уште од мала била воспитувана во христијански дух, а и самата влијаела врз луѓето да се однесуваат христијански. Рано и умреле родителите, а таа целиот имот го раздала на сиромаси и се замонашила. Како монахиња со уште поголема жар го проповедала христијанството, иако во тоа време оваа вера била забранувана и најжестоко прогонувана од римската власт. Пакосните Евреи први ја наклеветиле кај императорот Антониј Пиј, кој најпрвин со ласкања се обидел да ја придобие да се откаже од својата вера. Но кога во тоа не успеал ја подложил на жестоки измачувања ставајќи и на главата вжештен шлем. Но и од овие страдања на чуден начин се спасила, побегнала од Рим и продолжила да ја проповеда вистинската вера Христова. Уште на два пати, односно уште во два града Параскева била измачувана но пак на чуден начин се спасила, неверојатно брзо излечувајќи се од раните. На нејзиното мачење присуствувал и самиот император, а кога била фрлена во котел со врело масло и со катран, таа останала неповредена, а од течноста му прснало на императорот во очите по што тој ослепел. Параскева се помолила на Господа и тој оздравел. Гледајќи ги нејзините страдања, но и чудата што се случувале многумина ја примиле христијанската вера. За да ја скријат вистинската причина за нејзиното брзо оздравување, паганите нејзините чуда ги објаснувале со маѓии, а оздравувањето му го припишувале на нивниот Бог. Но самата Параскева еднаш на мачителот му рекла: „Не ме излекуваа твоите Богови, туку мојот единствен Бог Исус Христос.” Најпосле некој кнез по име Тарасиј ја исекол со меч. Тоа се случило во втори век.
Подоцна моштите и биле пренесени во Цариград. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води. Петковден како домашен празник со служби посветени на св. Петка, со чекање гости и со други обичаи и свечености го празнуваат голем број македонски семејства.
Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка…
Старите верувале дека овој ден треба да се одвои само за вистинска молитва и дека сè што правите на овој голем ден треба да биде „врзано со небото“. Жените треба да се посветат на молитва и правење добри дела, за здравје и среќа на своите семејства и деца. Така, не се врши тешка физичка работа, туку мислите и душите се сведуваат на молитва.