Денеска е Велики Петок, најтешкиот празник во христијанството

Православните христијански верници во Македонија денеска го одбележуваат Велики Петок, наречен уште и како Распет Петок, кој се смета за најтежок празник во христијанската религија. На овој ден се одбележува страдањето на Исус Христос, неговото распнување на чесниот крст и неговата смрт за спасување на светот. Денес Црквата се сеќава на настаните кои претходеа на распнувањето на Христос – од моментот кога Исус беше изведен пред судот, па сѐ до моментот кога е симнат од крстот и положен во гробот кој го чувале војници за да спречат некој да го украде неговото тело.

Ова е денот кога Исус Христос бил фатен, мачен, осуден и распнат на крст. Тогаш, на грбот му ставиле голем дрвен крст кој требало да го носи до местото Голгота за да биде распнат. Му ставиле и венец од трње на главата и му се потсмевале со зборовите: „Радувај се царе јудејски“. Бил распнат заедно со двајца војници, а кога војниците го заковувале на крстот тој се молел за нив: „Прости им Господи, не знаат што прават“. Кога Исус умрел се случиле повеќе натприродни феномени: „И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот, и земјата се затресе и карпи паднаа, и гробови се отворија и многу тела на упокоени светии воскреснаа“.

Поради ова Велики петок се смета за најтежок празник во годината. На Велики Петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „плаштеница – плаштаница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под плаштеницата, верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така се поставува и „Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кој верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.

Православниот канон за Велики Петок предвидува најстрог пост со вода, а многу верници на овој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. Ова важи за сите освен за немоќните и престарените, а покрај постот не се работи и никаква работа. Тогаш не се работи, дури и не се готви храна. Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи. Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќе се остава на плаштеникот – оплакувањето Христово. Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје.

 

Претходна вестТурски ,,Јилдирим” го купи поранешно ,,Фени” од Кавадарци, работниците сукцесивно треба да се враќаат на работа
Следна вестПроменливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи