Во трката за лидерска позиција на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, засега влегуваат поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник, Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка, Славјанка Петровска, како и актуелниот директор на Технолошко-индустриските развојни зони, Јован Деспотовски. Тројцата претенденти во текот на вчерашниот ден ги поднесоа своите кандидатури, истакнувајќи ја потребата од обнова на партијата.
Постапката за кандидирање започна на 31 мај и трае заклучно со денеска. Внатрепартиските избори се распишани со одлука на Извршниот одбор и ќе се одржат на 30 јуни оваа година.
Во меѓувреме, со одлука на Централниот одбор на 9 јуни ќе се одржи отчетен Конгрес, на кој покрај анализите на причините за изборниот резултат, Централниот одбор ќе предложи и измени на Статутот на партијата, односно мандатот на претседателот избран на вонредни внатрепартиски избори да биде четири години.