Денеска ќе дојде ли нов странец за да ни каже – сменете го Уставот?

Странски функционери и дипломати одново зачестија со посети на Македонија. Обично, таквите серии на гостувања стануваат вообичаени кога од нашата земја се бара донесување некаква крупна одлука со која се уважува нечие надворешно инсистирање. Така е со години: те за името, те за референдумот, те за францускиот предлог, те…

Овој пат причината е: Македонија треба да го смени Уставот. Потоа ќе се почнело со преговорите за членство во Европската унија. Ама, проблемот е дека власта на СДСМ и ДУИ нема двотретинско пратеничко мнозинство.

Оттаму, странските дипломати – функционери деновие почнаа да дефилираат во Македонија. Сите зборуваат за поубава иднина, заедништво…, но на крај го кажуваат и Уставот на Македонија.

Пред некој ден, албанскиот премиер Еди Рама најдиректно порача дека ниту едно малцинство не треба да биде надвор од Уставот и дека ќе биде фатално ако тоа не се направи.

Тоа што е минато е минато, а не треба да биде никаков проблем тоа што голем број на малцинства се вклучени во вашиот Устав. Мислам дека сето тоа е значајно и дека не треба да се остави барем никој, барем и еден да биде надвор од тој устав, порача Рама.

После него дојде во Скопје француската државна секретарка Лоранс Бун, која ни порача дека Македонија европскиот пат треба да го изоди до крај.

– Северна Македонија го има своето место во ЕУ и европскиот пат треба да го изоди до крај. Земјата постигна голем напредок. Напорите треба да продолжат, рече Бун по средбата со премиерот Димитар Ковачевски.

Но, од пораките на овие дипломати се гледа дека, практично, нема никакви гаранции дека и по направените уставни промени нема да се случат некои нови блокади. Тоа најотворено ни го порача европратеничката и лидерка на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите во ЕП Ираче Гарсија Перез.

-Кога зборувате за уставните измени морам да бидам јасна, затоа што тоа е суверена одлука, избор за граѓаните и за Собранието на Северна Македонија. Сега не е време да се игра со партиски прашања. Сега е време да се сфати дека национален интерес е да се работи на ова и сигурна сум дека оваа одговорност ќе биде во рацете на различни актери што ги имаме во овој момент. Не може да се дадат гаранции за она што бугарската Влада ќе го стави на агендата, но можам да гарантирам дека како група ќе работиме во Европскиот парламент со цел да се консолидираат овие битни преговори, изјави во Скопје Гарсија – Перез.

Ќе дојде ли денеска нов дипломат во Скопје да ни каже – сменете го Уставот, а после ќе видиме…?

Претходна вестРепубликанците освоија мнозинство во Претставничкиот дом на САД
Следна вестТри министерства први за реорганизација, во едно ќе се спојуваат повеќе институции и агенции