Денеска ќе се славеше голем празник, ама го растурија Братството и Единството

Празнични песни со стиховите „Од Вардар па до Триглав од Ѓердап па до Јадран…“, школски приредби, народни собири, воени паради, делење награди и ордени…, сето ова се случуваше, пред години, на денешен ден низ Југославија. Тоа беше ден кога се славеше најголемиот празник во поранешната југословенска држава – Денот на републиката. Се прославуваше два дена, 29 и 30 ноември. Се прославуваше Братството и Единството кое сепак под влијание на надворешни и внатрешни фактори се распадна во крвави војни.

Тогашната федерација на братски народи се востановила на денешен ден на Второто заседание на АВНОЈ во 1943 година. Празникот 29 ноември, воспоставен во знак на сеќавање на донесувањето на историските одлуки за создавање на нова држава. Рамноправна федеративна членка на новата Југославија стана и Македонија со македонскиот народ, што е важна етапа во патот на конституирањето на македонската држава кое ќе кулминира на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година.

Не мал број на граѓани и разни здруженија во поранешните југословенски републики (а сега посебни држави) се уште ги негуваат спомените на овој ден. За многумина се уште останува уверувањето дека во тој период на овие балкански простори се живеело подобро, побезбедно и порамноправно отколку сега. Други пак сметаат дека е подобро што секоја република сега е посебна држава.

За потсетување: На заседанието на АВНОЈ што се одржа во градчето Јајце, во Босна и Херцеговина, беше донесена историска одлука со која Југославија се конституира на федеративен принцип како заедница на пет народи, меѓу кои и македонскиот, и шест републики. Името ДФЈ ќе го носи до 29 ноември 1945 кога е преименувана во Федеративна Народна Република Југославија (ФНРЈ), за конечно на 7 април 1963 да го добие името Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ). Во тој период масовно се градела и унапредувала целата територија на државата. Сепак, по смртта на неприкосновениот југословенски водач Јосип Броз Тито на 4 мај 1980 година во југословенската федерација почнаа да јакнат процеси на дезинтеграција помогнати и од внатре и од надвор по што во последната декада од минатиот век почнаа процеси на раздружување. Според многуте мислења внатрешните разидувања меѓу членките на Федерацијата, посебно меѓу Србија, Хрватска и Словенија околу концептот на идното уредување на заедничката држава имаа големо влијание на нејзиниот распад. Но, исто така, свое влијание имаше и странски фактор и конкретни странски држави кои со свои ставови и одлуки влијаеле на засилување на распадот на Југославија.  

И така, Братството и Единството на Југославија денеска ќе наполнеше 79 години, но…

Инаку, сите тогаш раскарани републики сега бараат и се трудат пак да бидат заедно во ЕУ, во Отворен Балкан, во…

 

Претходна вестМОН: Не фотокопирајте учебници, ќе ви доставиме нови
Следна вестЦрвенковска поднесе оставка: Се надевам дека идниот претседател на Судскиот совет ќе биде подобен за оваа судско – бизнис елита.