Се сеќавате ли кога пред извесен период Владата најави дека ќе воведувала ред во користењето на службените возила? За тоа била донесена и конкретна одлука со која се дефинира и регулира користењето на „гага“ возилата за кои друг платил и друг става гориво.
За да не стане забуна да појасниме: Тој другиот е – народот во Македонија.
И? Каков е сега впечатокот на јавноста, се спречува ли многуприсутната злоупотреба на службените возила?
-Не само што не се спречува, туку сега во предизборието ќе се засили. Службените возила ќе идат и до најзафрлените села само за да се добие глас повеќе, прокоментира еден аеродромец.
Во одлуката на Владата стоеше дека „секое користење на службенте возила мора да e одобрено, оправдано, наменско и рационално и во сообразност со визијата, мисијата, целите и делокругот на работата на државниот орган согласно неговите надлежности“.
Дали и изборите се визија?
Сепак, за да се спастрат функционериве кои се разгалени и сакаат да се возикаат во скапи возила (некои и со придружба од други автомобили), ќе помогне и загадувањето.
Како?
Па од денеска почнуваат мерките околу загадувањето. Ресорното министерство препорача – да се намали употреба на службените возила.
Ова сигурно ќе „упали“, функционериве се одговорни лица и тие мислат многу на животната средина.