Денеска почнува конститутивната седница на новиот состав на Собранието

Денеска во Собранието треба да започне седницата на која ќе биде конституиран новиот парламентарен состав по изборите одржани на 8 мај.

Почетокот на седницата е закажан за во 11 часот, а на дневен ред се четири точки.

-Избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието на Република Северна Македонија;

-Верификација на мандатите на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија;

-Предлог за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија;

-Избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Според новиот Деловник за работа на законодавниот дом, конститутивната седница може да трае најмногу три дена, а завршува со изборот на претседател на Собранието.

Како што е најавено, за претседател на Собранието ќе биде предложен Африм Гаши од партијата Алтернатива, која е дел од коалицијата „Вреди“.

Новиот парламентарен состав ќе брои 120 пратеници, но на денешната седница се очекува да присуствуваат 118 пратеници чии мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и кои добија уверенија од ДИК. За останатите два мандати за кои се прегласуваше минатата среда (22 мај) сè уште течат жалбените постапки.

Вчера Државната изборна комисија на седница го отфрли приговорот на „Европскиот фронт“ за прегласувањето на изборното место 2101 во село Ларце во Општина Желино. На одлуката од ДИК кандидатите имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбата.

Претходна вестКонференција „Разговори со Ѓорѓи Марјановиќ“ на Правниот факултет во Скопје
Следна вест135 сообраќајни санкции во Скопје