Денеска се отвора бугарски културен клуб „Цар Борис Трети“, најавен масовен протест, МНР повика на достоинствено однесување

Во Охрид денеска ќе биде отворен бугарски културен клуб со контроверзно име поврзано со фашизмот – „Цар Борис Трети“. По отворањето на центарот „Иван Михајлов“ во Битола ова е ново отворање на еден културен центар кој со своето име провоцира и предизвикува реакции во македонската јавност. Причината сега се врзува за личноста на бугарскиот цар Борис Трети кој вледееше со Бугарија за време на Втората светска војна, кога Бугарија е дел од оската со Нацистичка Германија и Фашистичка Италија. Царот Борис Трети владееше со Бугарија од октомври 1918 година до неговата смрт во август 1943 година. Во 1941 година, Бугарија се приклучи на силите на Оската и окупираше територии на тогашна Југославија и Грција, меѓу кои и Македонија. Во март 1943 година, Бугарија депортираше над 11 илјади Евреи од окупираните територии во Макеоднија во концентрационите логори Аушвиц и Треблинка.

Здружението-основач го одреди датумот на само четири дена пред Денот на народното востание против фашистичкиот окупатор во Македонија и државен празник 11 Октомври. Опозициска партија Левица деновиве повика на протест пред просториите на клубот.

-Поради отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот „Цар Борис Трети“, Левица – Охрид ја повикува целокупната здраворазмуна јавност на протест против уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза! Да го зачуваме достоинството на македонската нација и споменот на македонските антифашистички борци и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата!, се наведува во поканата.

Повик до граѓаните масовно да излезат на протест во Охрид против бугарскиот клуб вчера упати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Протестот е демократско право, треба да се протестира, и секој оној кој сака да протестира да излезе да протестира, тука да немаме никаква дилема. Само повикувам тој протест да биде мирен за да не дозволиме повторно да печалат на ваквите настани оние кои ја втурнаа Македонија во оваа ситуација, тоа е коалицијата СДСМ и ДУИ. Ги повикувам граѓаните масовно да излезат и да го поддржат протестот, но истовремено апелирам тој протест да биде мирен и демократски и да не дозволиме каков било инцидент да ја дефокусира јавноста од реалните проблеми, а тоа се инфлацијата, криминалот, корупцијата, енергетската, финансиската криза и уште многу други проблеми со кои Македонија денес се соочува, изјави Мицкоски.

Еврејската заедница на Македонија најави и кривична пријава за името на овој културен центар и реагираше дека е згрозена заради „величање на фашизмот и ширење на говор на омраза“.

Од друга страна, по повод најавеното отворање на новото здружение на граѓани во Охрид, како и јавните повици за изразување протест против него, Министерството за надворешни работи (МНР) упати апел до сите граѓани, политички и неполитички групации за зрело и достоинствено однесување, втемелено врз почитта кон правото на сите граѓани, без разлика на својата етничка припадност, да ја остваруваат својата уставно загарантирана слобода на здружување и за слободно изразување на својот став.

Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи, вчера повика на игнорирањето на бугарскиот клуб во Охрид бидејќи, според него, се работи за провокација.

-Името на вториот бугарски “културен“ клуб во Охрид “Цар Борис Трети“ е кристално чиста, злонамерна провокација. Исто како и името на првиот клуб “Ванчо Михајлов“. Исто како и првиот, и вториот клуб “Цар Борис Трети“ се отвора за да биде оштетен, запален или уништен со што би се продлабочила веќе загрижувачката нетрпеливост и омраза помеѓу Македонците и Бугарите, напиша Ангелов во објавата на својот профил на Фејсбук .

Претходна вестМотоциклистите стасаа до најмногу прекршоци, полицијата им врачи 25 казни
Следна вестВо Пржино со погребна поворка се протестираше против новите градби во населбата