Денеска православните христијани го празнуваат споменот на познатата Римјанка Софија, која своите ќерки Вера, Нада и Љубов ги воспитала да имаат вера во себеси и во Бога, да имаат надеж во неговата добрина и љубов кон ближните и кон Севишниот.
Живееја и пострадаа во Рим, во времето на царот Адријан. Мудрата Софија, како што ја одликува и името што го носи (бидејќи софија на грчки значи мудрост), остана вдовица, а како добра христијанка се утврди себеси и своите ќерки добро во верата Христова. Во времето кога мачителската рака на Адријан се протегна и врз добродетелниот дом на Софија, Вера имаше дванаесет, Надеж десет, а Љубов девет години. Изведени пред царот, тие сите четири држејќи се за раце смерно, но одлучно, ја исповедаа верата во Господ Христос и одбија да ѝ принесат идолски жртви на Артемида.
Пред страдањето, мајката ги крепеше ќерките со совети да истраат докрај. „Вашиот небесен женик Исус Христос е вечно здравје, неискажлива убавина и живот бесмртен. И кога вашите тела ќе бидат убиени во маки, Он ќе ве облече во нераспадливост и раните на вашите тела ќе светнат на небото како ѕвезди.“ Мачителот ги мачеше со лути маки сите, една по една: најпрво Вера, па Надеж, па на крајот Љубов. Ги тепаа, ги сечеа, ги фрлаа во оган и во врела смола и најпосле една по една ги убија со меч.
Софија ги зеде мртвите тела на своите ќерки, ги однесе надвор од градот и таму чесно ги погреба. Остана на нивниот гроб три дена и три ноќи молејќи Го Бога и така Му го предаде својот дух итајќи во рајските населби, каде што ја чекаа душите на нејзините блажени ќерки.
Празникот е посветен на жените и нивните деца, првенствено ќерки. Се верува дека девојчињата треба да ги израдувате со некој подарок, колку и да е тој скромен. Ќе биде доволно да им посветите внимание и да им покажете колку ги сакате.
Исто така, како имињата на девојчињата, Љубов, Вера и Нада, станаа симбол на секој христијанин, народот смета дека на 30 септември треба да се воздржите од секакви зли мисли и да се посветите на љубовта кон ближните.
На овој ден именден празнуваат: Софија, Софка, Вера, Верица, Нада, Надежда, Натка, Љубе, Љупчо, Љубен, Љубомир, Љубосав, Људмил, Љуба