Денеска се слави Свети Наум Охридски чии чуда биле побројни од ѕвездите на небото

Денеска православните верници го слават Свети Наум Охридски. Тој од народот е именуван и како – Чудотворец.

Овој светец бил еден од најистакнатите ученици на Светите Кирил и Методиј. Долго бил и соработник со големите словенски апостоли. Свети Наум патувал дури до Рим, каде што се прославил со чудотворна моќ и со голема ученост. Знаел многу јазици.

Го подучувал народот за многу работи и додека Свети Климент дејствувал како епископ во Охрид, Свети Наум пак основал манастир на јужниот брег на езерото каде со својата преданост и работа предизвикал да се собере мноштво монаси од сите страни на Балканот. Манастирот и денес собира илјадници верници од целиот регион.

Името на Свети Наум ја краси историјата на целокупното словенско христијанство и низ вековите бил извор на чудотворна сила и засолниште за болните и за луѓето во неволја.

Во едно послание од 18 век се вели дека „чудата и благодатите на свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото“. 

Тој бил мудар учител, чудотворен молитвеник и духовник. Неуморно се трудел во преведувањето на Светото Писмо и на другите црковни книги од грчки на словенски јазик. Свети Наум e еден од основоположниците и на македонската писменост и просвета.

Се упокоил во првата половина на 10 век.

Претходна вестВо Скопје санкционирани 151 возач
Следна вестЦаровска ги игнорира или не ги слушнала реакциите на реформата?