МВР информира дека на денеска со почеток во 16.00 часот ќе се одржат велосипедска трка – „Куп на Град Скопје 2022“ и прв меѓународен детски фолклорен фестивал „Златен вез 2022“ поради што ќе има посебен сообраќаен режим во Градот.
-На 17.09.2022 (сабота) со почеток во 16.00 часот во организација на Велосипедската федерација на Македонија ќе се одржи велосипедска трка – „Куп на Град Скопје 2022“. Трката ќе се одвива по следнава траса – старт на ул.„Димитрие Чуповски“ кај порта „Македонија“, право по ул.„11-ти Октомври“ кон зградата на Собрание на РСМ до крстосница со ул.„Филип Втори Македонски“, лево по ул.„Филип Втори Македонски“ до влезот на ГТЦ. Понатаму се поминува под ГТЦ и се доаѓа до Порта Македонија каде се продолжува право по ул.„Димитрие Чуповски“ се до крстосница со ул.„Даме Груев“ кај Палома Бјанка и назад по ул.„Димитрие Чуповски“ се до стартно-целната позиција, соопштуваат од МВР.
Од таму додаваат дека истиот ден во исто време во организација на фолклорен ансамбл „Григор Прличев“ ќе се одржи прв меѓународен детски фолклорен фестивал „Златен вез 2022“ со зафаќање на јавна површина на дел од ул.„Ѓорче Петров“ на потег од крстосницата со ул.„Никола Пушкаров“ до крстосницата со ул.„Македонска Војска“ во Скопје.
-Од тие причини Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на горенаведените сообраќајници, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници, потенцираат од МВР.
Оттаму апелираат граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните.