Денот кога преку Радио Скопје македонскиот збор за првпат се пренесе преку етерот

„Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје, Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија…”. Ова беа зборовите на познатиот писател и борец во НОВ Владо Малески со кои на 28 декември 1944 година беа означени два историски настана: почеток на работата на Радио Скопје и првото пренесување на македонскиот збор во етерот.
До историското случување доаѓа во мугрите на слободата на македонскиот народ, по ослободувањето на Скопје во ноември. Но, уште во август 1944 година Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија ја постави задачата пред Владо Малески – Тале, да се зафати со создавање и работа на првата македонска радиостаница во слободната татковина. За оваа цел се издвојувани од првите борбени редови техничари и новинари и се испраќани во Горно Врановци на нови задачи.
Забрзано се работело врз оспособување на запленетата воена радиостаница и врз нејзина преадаптација. Поради недостиг на соодветни технички материјали и резервни делови задачата тешко и бавно се реализирала. Но, напорите да се направи нова радиостаница не запреле. Се најде една француска воена радиостаница на кратки бранови па потоа радио-техничарите со успех оспособиле и радиопредавател од американско потекло „СЦР” од 20 вати.
Новиот предавател успешно стартуваал од куполата на Офицерскиот дом во Скопје. Во ист период Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија се подготвувало за Второто заседание, во зградата каде што и денес се наоѓа македонското Собрание. Владо Малески предложил смела идеја – Второто заседание на АСНОМ да се пренесува директно преку Радио Скопје. Тоа беше нов предизвик, но и грижа како да се поврзе кабелски салата од каде што требаше да се врши преносот. Недостигаа стотици метри кабли кои не можеа да се најдат во Македонија. Беше најдено решение радиостаницата да се премести од Офицерскиот дом на покривот на Собранието на Македонија и од таму да се врши пренос од заседанието.
Во еден дел на собраинската сала, зад микрофонот, многу возбуден, според сопственото сведочење, се наоѓал Владо Малески во исчекување да започне собирот. Секој миг во салата се очекувало доаѓањето на првиот претседател на АСНОМ Методија Андонов Ченто. Тогаш Владо Малески го започнал своето јавување. Низ етерот, за првпат во ослободената татковина, се пренесоа зборовите на македонски јазик.
Се потоа е историја…
Новиот медиум станува препознатлив со легендарната песна „А бре Македонче“ којашто тогаш почна да се емитува на радио брановите. Подоцна, во тој период на ентузијазам и подем, истовремено со изградбата на државата се градеше и радиото, новиот медиум на кој подоцна ќе му се придружи и Македонска телевизија, а денешниот ден ќе почне да се одбележува како денот на МРТ и преку кој медиум ќе се чува, унапредува и ќе се шири македонскиот јазик и култура.

Претходна вестВозач загина во синоќешната сообраќајка во неготинско
Следна вестРодилка од Делчево починала на КАРИЛ, новороденчето е на механичка вентилација