На десет години малолетнички затвор неправосилно е осудена од страна на Основниот суд во Тетово, 17-годишната девојка која го уби 16-годишното момче кое било нејзин пријател. Одлуката за изречената казна судот во Тетово ја објави на неговата веб страна
– Основниот суд Тетово денес донесе пресуда за настанот случен на ден 21.12.2022 година на местото викано Бањиче, во кој е лишен од живот детето Б. Х. на возраст од 16 години, а за кој настан постапката се водеше спрема дете во судир со законот на возраст од 17 години, за кривично дело Убиство. Судот донесе пресуда со која детето во судир со законот е огласено за виновно и изречена му е казна Затвор за деца во траење од 10 години, се вели во соопштението од Основниот суд во Тетово.
Девојката беше обвинета дека со тврд предмет го удрила момчето од Ново Село, по што го турнала во брзаците на реката Пена.
На 22 декември 2022 полицијата го пронајде безживотното тело на 16 годишното момче од Ново село, Општина Желино, во реката Пена кај месноста Бањиче близу Тетово.