Од вчера, Јован Деспотовски повеќе не е директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Владата на седницата ја прифатиле неговата оставка на која самиот се решил. Кои биле мотивите не е познато, но она што е познато е тоа дека јавноста до денеска не ги доби резултатите на истрагата за спорното доделување на грантовите од страна на ФИТР во јули 2018 година. Тогаш, полициските екипи влегоа во просториите на Фондот откако избувна скандалот со доделувањето на грантовите тешки 10,5 милиони евра на 80 компании во Македонија.
Јавноста се скандализира од сознанијата дека парите биле доделувани на компаниите чии сопственици или косопственици се јавни личности, функционери на СДСМ и нивни роднини, но и медиуми блиски до власта. А не се работеше за мали пари бидејќи грантовите изнесуваа од 160.000 па дури и до 330.000 евра.
Околноста дека некои функционери и фирми тогаш се откажале од грантовите не може да биде причина истрагата да не утврди дали и како некој се обидел да ги злоупотреби државните пари. Да се надеваме дека сега нема да излезе дека со разрешувањето на Деспотовски и истрагата е ставена „ад акта“.