Лажењето и правењето манипулации е честа појава во македонската политика, во администрацијата, во бизнисот… Затоа, еве сега има идеа да се прави тест на полиграф по кој ако не се помине следува отстранување од работно место.
Воведување на една ваква мерка засега е во фаза на идеја, а крајна цел е да се спречува можната корупција. Според замислата, на полиграф би поминале службеници кои работат на граничните премини и граничната линија, а тоа се инспектори и од АХВ, од Државниот инспекторат за земјоделство, Граничната полиција и царинските службеници. Доколку ова решение се усвои, согласно постојната систематизација, тоа на годишно ниво ќе значи опфат на некаде околу 1.200 до 1.300 лица. Објаснувањето на прашањето зошто токму овие лица е во тоа што се смета дека спречувањето на корупцијата, на сивата економија почнува од самата гранична линија преку попречување на нелегалниот увоз и слично. А проценка е дека таквите нелегални дејствија ја чинат државната економија околу 1,2 милијарди евра.
Добро.
Но, дали детекторот за лаги не треба да почне да работи и на други места во Македонија? На пример во Владата каде се решаваат разни тендери, големи набавки…
Е, сега, друга работа е што ќе треба да се набават многу повеќе детектори на лаги, оти во Владата и по многуте директорати најверојатно многу од нив брзо ќе прегорат.