Џабе ни кажуваат дека имаме „хибриден режим“

Уште едно, трето по ред, лошо рангирање кое вчера го доживеа Македонија со квалификацијата дека во земјава вирее „хибриден режим“ е ново предупредување дека состојбите во земјава не одат на арно. Падот на глобалната листа на британски „Економист“ за индексот на демократијата на 78 место само се надоврза на историски најлошо рангирање за индексот на корупцијата на „Транспаренси“. Тука малку помагаат оправдувањата од типот дека сме добиле добри оценки во некои области каква што е „изборниот процес“, а лоши за „политичка култура“. Оценката за хибридниот режим се однесува на земјата во целина и таа е недвосмислен знак дека имаме стагнација во демократијата, во борбата против корупцијата, слаба политичка култура, партизирана држава…

Сето тоа е и ориентир чие подобрување треба да ни го поправи и рејтингот и пред се животот во Македонија. Се бара она што се повторува со години, а никако да почне да се применува: одлучна борба против корупцијата, функционални институции, именување на државни функционери и раководители врз основа на заслуги и компетенции, а не со партиско-владини декрети од експресни седници, непристрасна правда, способност да се постигнуваат компромиси на власта и опозицијата по важни државни прашања…

Дали власта навистина сака ова да се спроведе?

Со секоја промена на власта граѓаните очекуваа од политичките елити во овие клучни области да почнат да се менуваат работите. Но, не е така. Тоа граѓаните во Македонија го гледаат секој ден, а и последните рангирања потврдуваат дека се прави недоволно и на погрешен начин. 

Ако навистина се сака подобро општество како и подобро рангирање на овие листи, изборот е само еден: да се прави општество по мерка на граѓаните, а не на партиите и на оние кои преку нив сакаат да профитираат. 

Хибриден режим не се отстранува со игнорирање или негирање дека го нема.

Претходна вестОсуммина вработени во МВР делеле возачки дозволи на лица што немале положено
Следна вестДобро е, студентите ќе може да се исперат по студентските домови