Џабе се камерите на полициските рамења, ако полицајците не се на улица

Да возиш низ Скопје не е лесна работа. Не само што сообракајниците се тесни и со дупки туку и голем дел од возачите не почитуваат правила и го прават учеството во сообраќајот ризична работа. Вестите за страотни сообраќајки, превртени возила, поминувања низ црвено светло, удрени пешаци, велосипедисти… одново станаа секојдневие.

Заради тоа, се поизвесно е дека она што се чинеше како позитивен тренд во првите шест месеци кога имаше намалување на сообраќајките и имаше 43 загинати лица (двојно помалку отколку во истите периоди во  изминативе години) брзо ќе биде „надоместено“. Да потсетиме, околу 130 загинати лица во најразлични сообраќајни несреќи имаше лани, преклани…

Зошто се дозволи секојдневие да стане во Скопје пребрзото возење, поминувањето на црвено светло, возењето во пијана состојба, непочитувањето на предимството…? Зарем има некој кому му одговара улиците да станат арени на кои е опасно да се појавиш, а не да возиш?

Состојбата во скопскиот сообраќајот не оди на добро и оние кои се најповикани за ред на патиштата – полицијата – мора сериозно да се позабави со овој проблем.

Убаво е да се најавува дека на улиците ќе се постават камерите кои ќе ги „ловат“ прекршителите, но дотогаш, контролите мора да бидат посилни и почести на улиците. Впечатокот кој се има последниве месеци е дека тие контроли се намалија. Веројатно и заради кризата со корона вирусот, но МВР кое има повеќе до десет илјади вработени мора да најде ресурси за поголема контрола во сообраќајот. 

Скоро и да е безначајна веста од денеска дека биле санкционирани диви тркачи на скопската обиколница. Несовесните се тркаат насекаде низ Скопје. Џабе се и камерите на рамена на полицајците, ако полицајците не се на улица.  

Претходна вестСанкционирани 10 диви тркачи на скопската обиколница
Следна вестДупка длабока 4 метри се појави при реконструкцијата на булеварот „Александар Македонски“