Кредитите за изградбата на пругата кон Бугарија не може да се пренаменат бидејќи тие се наменски, изјави денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска. НА брифингот со новинари таа рече дека на претставниците на Европската инвестициска банка им кажувала дека пругата сепак не треба да се гради бидејќи е неисплатлива.
Се работи за вкупно 350 милиони евра одобрени како кредит од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој. Деновиве пак, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт и врски Алексанадар Николоски изјавуваа дека ќе седнат да разговараат со кредиторите и со финансиерите за пренамена на овие пари, пред сè за пругата север-југ.
– Ги слушам изјавите, но не е баш така. Еве, замислете дека сте земале наменски кредит од банка. Вие за друго не може да го користите. Исто е во овој случај, кредитите се наменски. Може само да ги замолите да ги резервираат тие пари и повторно да аплицираме за заем, објасни министерката за финансии.
Таа рече дека пругата кон Солун е многу поважна..
– Тоа е траса што води од Драч до Бургас. Хипотетички ќе ја направиме. Што ќе ни донесе таа, каква додадена вредност? Што ќе ни донесе економски? Европската инвестициона банка ми кажува „ама знаете, има НАТО аспект“. Супер! Јас многу отворени ги прашав: „Дали ќе нè сакаат НАТО и Европската унија ако ние банкротираме?“ Имаме проблеми со пругата кон Солун која е многу поважна за нашето стопанство, вели Димитриеска-Кочоска.
Таа објасни дека од средствата за Западен Балкан, на први јули се одобрени само 1 милион евра за изработка на документација за точките за реконструкција на пругата од Коридорот 10 кон Грција, а после државата треба да ја прави финансиската конструкција и евентуално да бара грантови.