Сосема веројатно дека на претседателските избори ќе има најмалку седум кандидати кои ги исполнуваат законските услови за нив да се гласа во првиот круг на 24 април.
Според денешното известување на Државната изборна комисија за бројот на собраните потписи до 20 часот на 26 февруари кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, го поминал прагот од 10.000 (како што самиот тој објави синоќа) и има 10.528 потписи. Веројатно е дека ДУИ нема да запре тука, туку ќе продолжи со собирање потписи за да ја покаже широчината на поддршката за министерот за надворешни работи.
Блиску до границата се градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, зад чија кандидатура се потпишале 8.400 граѓани, и кандидатката на Левица, професорката Билјана Ванковска, која досега има собрано 6.237 потписи. Кандидатот на здружената албанска опозициција, Арбен Таравари, досега има писмена поддршка од 7.513 граѓани, а градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски од 4.718.
Заедно со уште двајцата главни ривали, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова, за чии кандидатури ќе се одлучува викендов во СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, тоа се седум претенденти во претседателската трка.
За другите кандидати ќе биде исклучително тешко до 8 март да ги соберат потребните потписи. Најдобар скор од нив има Мерсиха Смаиловиќ – 696, додека за кандидатот Томе Николоски нема ниеден потпис. За својата кандидатура не се потпишал ни самиот тој.