Димитријевиќ прв стрелец и најкорисен играч во квалификациите за Евробаскетот

Македонскиот репрезентативец, Ненад Димитријевиќ е прв стрелец и најкорисен играч во досегашниот тек на квалификациите за пласман на Евробаскетот во 2025 година.

Плејмејкерот имаше нестварно издание на вчерашното соочување со Литванците во Клаипеда каде уфрли 43 поени со што само ја зацврсти лидерската позиција кога се во прашање постигнатите кошеви во овој квалификациски циклус.

Нено има точно 100 реализирани поени, односно има просек од неверојатни 33.поени по натпревар (одигра три од четири), поточно зад него се Клемен Препелиќ (24.7) Марио Хезоња (24) и Грузиецот Торнике Шенгелија (23.8).

Воедно членот на Олимпија Милано е број еден на листата на најкорисни играчи во четирите одиграни кола, има 30.7 индексни поени и интересно е пред уште еден македонски репрезентаитвец Итан Хап кој на двата одиграни мечеви (ги прескокна последните два со Литванија поради повреда), има нешто пониски 30.5 поени.

Претходна вестТрамп најави дека ќе воведе царини за производи од Кина, Канада и Мексико
Следна вестТошковски: Договорено взаемно признавање на возачките дозволи со Обединетите Арапски Емирати