Димни бомби во албанскиот парламент, според Рама опозицијата го допре дното

Нови инциденти во парламентот на Албанија каде денеска во рок од пет минути со мнозинство гласови беше усвоен буџетот за 2024 година, но седницата ја одбележаа пратениците од опозицијата кои активираа димни бомби. Рама по инцидентот искоментира дека „опозицијата го допрела дното“, поддржувајќи го поранешниот премиер Сали Бериша односно како што го нарече „лице барано од правдата“.

Веднаш штом започна седницата, пратениците од опозицијата направија барикади од столчињата, а потоа активираа димни бомби.

Опозициските пратеници се обидоа да ја блокираат говорницата со столчиња, но обезбедувањето ги спречи, по што опозиционерите Газмент Бард и Рамадан Лика се судрија со обезбедувањето.

Седницата траеше околу 5 минути, а буџетот беше начелно изгласан, бидејќи немаше расправа а собранието беше во чад, а во еден момент избувна и мал пожар.

На оваа седница присуствуваше и премиерот на Албанија, Еди Рама, но набрзо ја напушти седницата.

Рама преку објава на социјалната мрежа Твитер реагираше по хаосот создаден денеска во законодавниот дом, оценувајќи дека „опозицијата го допрела дното“, поддржувајќи го поранешниот премиер Сали Бериша односно како што го нарече „лице барано од правдата“.

-Во политиката го внесоа вокабуларот и уличните манири фрлајќи ја политиката во средина на четирите патишта, сеејќи хаос, насилство и жнеење загуба, загуба, загуба … Тие веќе стигнаа до крајот, преземајќи ги маките на едно лице (Сали Бериша) барано од правдата, кој нема да ги ослободи додека не се распарчат и не излезат на парчиња над водата, како остатоци од потонат брод, пишува Рама.

Веднаш по објавата на Рама, реагираше Газмент Барди, кој ја предводи групата, од 45 демократски пратеници, приврзаници на Бериша, нарекувајќи го „кукавица фатен на дело, кој внесе 65 чувари во салата за да го заштитат“, бидејќи според него, се плашел од опозицијата.

Претходна вестПремиерот сака да ја направи Универзална сала, ама немало слух од Град Скопје
Следна вестСедмо издание на Медиумскиот фестивал Скопје