„Директно до срцето“ (Droite au Coeur) е првата апликација за француските десничари кои се во потрага по љубов. Слична како на најпозната апликација за запознавање „Тиндер“, оваа алатка станува сѐ попозната во Франција, пишува „Еуроњуз“.
„Патриотизмот никогаш не бил толку романтичен“ е мотото на „Директно во срцето“, а истомислениците на оваа апликација можат да си ги споделат своите политички и општествени разбирања, со цел полесно да се поврзат на емотивно ниво.
Апликацијата е креирана од Стефани и Јохан Павер, „инфлуенсери“ со конзервативни разбирања, кои го започнале овој бизнис на почетокот на јуни, најпрво само за компјутерите, а кратко потоа во употреба била пуштена и мобилната верзија.
Целта на платформата е да се „поврзат жените и мажите кои се гордеат од својата држава и делат исти вредности, како француската држава и христијанските корени“.
– Едукација, култура и религија, нашите корени се тие кои се на наша страна во борбата против деструктивното и нездравото општество кое повеќе не нѐ отсликува, се вели на страната.
Платформата ги нарекува своите корисници „чувари и бранители на општеството“, а себеси како „едно големо семејство“.
Кога се креира профилот, корисниците мора да дадат информации за нивната етничка припадност, нивното семејство и нивната религија. Мора да се внесат неколку политички идеали и вредности, кои се согласуваат со традиционалните и конзервативните ставови.
Корисниците исто така мора да ја истакнат важноста на религијата, дали пушат цигари, и дали сакаат да имаат деца. Се разбира, постојат и класични прашања како на другите апликации за запознавање, како оние дали бараат краткорочни или долгорочни врски.