Директорот на тетовската болница, Флорин Бесими, чиј ковид-центар во модуларниот објект изгоре до темел пред два дена при што загинаа 14 лица, попладнево поднесе оставка.
-Почитувани, со голема тага за секоја жртва и за секој член на нивното семејство, Ве информирам дека, поради оваа морална одговорност која ја чуствувам, давам оставка од раководното место директор на Клиничката болница Тетово.
После овој трагичен и несреќен настан, оваа одлука е неминовна. Во исто време, се надевам дека ќе заврши што побрзо целосната истрага и ќе се утврдаат причините за пожарот во модуларната болница во Тетово за пациентите со ковид -19.
Мојата оставка нема да ги утеши семејствата, но верувам дека ќе постави една морална линија, која сите како општество сме ја заборавиле.
Загубата на човечки живот во една ваква состојба е голема трагедија. Функцијата не е пред достоинството и човечноста, се вели во соопштението од Бесими.
За 19 часот е закажана прес-конференција на министерот за здравство Венко Филипче. Тој вчера на прашањето дали ќе поднесе оставка од морална одговорност, рече дека ќе ја чека истрагата, а потоа ќе одлучи за тоа.
Владата денеска најави дека во истрагата за трагедијата во Тетово ќе се вклучат германски експерти од федералната криминалистика.
Дали оваа прес-конференција можеби е затоа што Филипче се премислил околу оставката?