До денеска наутро над 11.100 наши граѓани во странство се самопопишале

До денеска до 10 часот преку апликацијата за самопопишување досега се евидентирани 11.149 лица, објави Државниот завод за статистика на својата веб страница.

Со пријавувањето на Апликацијата, корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, е-маил адреса, која се верификува со праќање на е-маил за верификација, и телефонски број на корисникот. При регистрација на корисникот и при секој внес на податоците од страна на корисникот, во апликацијата автоматски се запишува од која ИП адреса се внесени податоците.

Предвидено е собраните податоци преку Апликацијата за самопопишување да се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на самопопишани лица преку Апликацијата за самопопишување, како што велат од ДЗС, не значи по автоматизам број на резидентно население во земјава.

Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почнa вчера со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Оваа активност ќе трае до 21 април, кога и официјално треба да заврши пописот, кој ќе започне на 1 април.

Претходна вестСе бара притвор за тројца насилници од протестите за „Монструм“
Следна вестИ Словенија мака мачи со лажни ПЦР – тестови, не ги спречува ни казна затвор до 3 години