До каде е истрагата за Ден Дончев?

Во Македонија скоро секој ден се отвораат нови афери за државни функционери кои правеле разни злоупотреби. Сигурно некои од нив се основани, некои пак – не се. Затоа и постојат полициски, обвинителски и судски органи тоа да го расчистат и да го заштитат јавниот интерес. Но, често аферите како што избувнуваат така и стивуваат – наеднаш.

Пред извесно време избувна афера поврзана со Ден Дончев, поранешен директор на Фондот за здравствено осигурување. Сега се како да стивна. Информациите дека се води истрагата и дека МВР одбило да го стави на „стоп-листа“ од минатиот месец се последни новини врзани за Дончев. Оттогаш до сега, речиси две недели нема никакви новини: ниту до каде е истрагата ниту дали полицијата сепак решила да не му дозволи излегување од Македонија. Во меѓувреме, непознато стана и тоа дали Дончев е воопшто и во земјава бидејќи имаше навестувања дека брзо може да ја напушти.

Со ова, целосна енигма владее околу случајот со поранешниот прв човек на институцијата преку која одат сите финансиски плаќања на државата во сферата на здравството. Дончев фокусот на јавноста кон себе го сврте на почетокот на минатиот месец кога самоиницијативно си поднесе оставка на директорската функција, а која ја објасни со „семејни здравствени причини“. Владата веднаш ја прифати оставката, но набрзо потоа во јавноста избува афера во која се тврди дека тој, во два наврати, спротивно на законот, еднаш во 2018 и втор пат во 2019 година, се стекнал со 50.000 евра и 80.000 долари. Дончев давал услуги од областа на маркетингот и подобрување на бизнис процесите на македонска фирма со седиште во с. Муртино која го продавала мислењето на австралиската фирма. За сето ова истрагата ја поведе Јавното обвинителство за организиран криминал, а во истражните дејствија е вклучена и Управата за финансиско разузнување.

Од овие институции нема нови информации за тоа што е откриено во истрагата, односно, дали имало криминал во двете зделки. 

Инаку, Ден Дончев беше споменуван и околу случајот „Рекет 2“, каде наводно уценувал, па потоа и спречувал странски инвестиции во домашното македонско здравство. 

Претходна вестСо силни партиски препукувања не се победува силниот корона вирус
Следна вест5 пациенти починале, 101 лице е новозаразено од вирусот