Наскоро ќе се навршат цели пет месеци од ужасниот пожар во тетовската модуларна болница, а јавноста се уште не знaе кој е одговорен за трагедијата во која живи изгореa 14 лица. Има ли всушност друг виновен или ќе му се суди само на продолжениот кабелот за кој се кажа дека се самозапалил?
Цело време се кажуваше дека се чека експертизата од германските форензичари. Ама ете и таа простигна и тоа пред две недели. На 17 јануари македонските истражни власти го добија и последниот извештај-експертиза на германските форензичари и со што практично е комплетирана истрагата.
Што точно пишува во извештајот? Домашната истрага на МВР покажа дека пожарот во болницата го предизвикал прегреан продолжен кабел на кој биле приклучени дефибрилатор со кој се вршела реанимација на еден пациент, полнач за мобилен и уште еден електричен апарат. По тоа, се случило брзо ширење на пожарот поради големото присуство на кислород кој истекол од оштетената инсталација но и поради тоа што не постоеле прегради помеѓу просториите кои би го забавиле огнот.
Сега е главно прашање кој е одговорен за трагедијата, односно, може ли врз основа на вака утврдените факти да се посочи чија е одговорност? На ова прашање од надлежното тетовско обвинителство се уште нема одговор. Зошто се чека толку долго кога јавноста треба да ја дознае вистината? Крајно е време роднините на загинатите да добијат одговори за причините за загубата на своите најдраги.
А обвинителите ќе треба да дадат одговори и за она што е во коренот на сите сомнежи кои досега се наталожија околу ужасната трагадија. Ќе треба да се одговори на тоа кој е одговорен што во болницата се користел таков кабел кој можел да се прегрее со преголемо оптоварување? Поточно, кој одобрувал во болницата да се внесува таков вид кабел и да се користи кога е општо познато дека таквите кабли се ризични? Одговор ќе треба да се даде и за тоа кој дозволувал роднините да престојуваат во болничките соби кога тоа здравствените прописи го забрануваат? Треба да се дознае и има ли одговорност за квалитетот на градбата на модуларната болница и дали биле испочитувани бараните стандарди за квалитет…
Сето ова се прашања во чии одговори се наоѓа и прашањето кој се може да биде одговорен за трагедијата. А тоа е потребно да се утврди за да ваквите ужасни несреќи веќе никогаш не се повторат.