До кога Мајка Тереза ќе се моли пред киоскот на улица „Македонија“?

Главната скопска улица „Македонија“ одамна чека на реконструкција. Изместени и дотраени плочки, лимени тараби покрај со години незавршената црква, изместени и остарени клупи и корпи за отпадоци… сето тоа е дел од сегашниот изглед на центалната градска улица.

Но, има и други работи кои не и личат на улицата која треба да претставува гордост за македонската метропола. Таков е примерот со поставеноста на споменикот на Мајка Тереза покрај нејзината спомен-куќа, подобро кажано, со поставеноста на кисокот за продажба на сендвичи лоциран пред споменикот. Пред десетина години некој си донел одлука со која просторот пред споменикот е предвиден за киоск и врз основа на тоа се изврши јавната аукција по која локацијата е продадена и по што се отвори сендвичарница. Но, тоа истовремено создаде и апсурдна ситуација во која споменикот на светителката е целосно покриен и бројните минувачи практично не можат да го видат споменикот на личноста која е гордост за градот во којшто е родена. Излегува како да светителката се моли пред поставениот киоск. И не само тоа, проблемот се создава кога треба да се изврши некое чествување во нејзин спомен, бидејќи пред споменикот има сосема малку слободен простор. Своевемено имало и реакции со кои се барало кисокот да не биде поставен таму, но биле залудно.

Ваквата несодветност, сигурно, треба што побрзо да се исправи. Како? Со промена на локацијата или на киоскот или, пак, на споменикот. На таа локација има доволно простор за нивно преместување за да се најде соодветен простор и за киоскот и за споменикот. Тоа би можело да се направи при некоја реконструкција на целата улица, но би можело и без да се чека на тоа. Вака како што е сега, не е убаво за градот.

Претходна вестЦУК: 1.694 повици на 112 во последното деноноќие
Следна вестОд денеска граѓаните плаќаат поскапа регистрација на возилата