Уште што ли не се изнаслушавме во кампањата за изборите. Ќе изграделе; де подземни сообраќајници, де надземни рајски – зелени градини, де нови сали, де…
Ветувањето е појаката страна на македонските политичари. Ние граѓаните пак цело време чекаме да бидат јаки во работењето. А политичарите ветуваа дека ќе се работливи и на минатите избори. Колку им е до работа, колку се исполнителни покажува една обична скопска фонтана. Седум месеци таа стои „обележана“ на главниот плоштад дека има дупка и дека постои опасност да се пропадне во неа. Најверојатно надлежните мислат дека обележувањето доволно покажува дека биле ажурни, а за другото треба да се почека.
Но, што ли се чека, зошто не се поправи? Па за седум месеци Кинезите целосно нови мали градови прават.
Да не ја отвораме темата дека на централниот плоштад „Македонија“ има и скршени клупи, исушени дрвца, незавршени фасади… ептен ќе се види дека работењето многу заостанува зад ветувањата кои ги имаме на претек.
По овие избори ќе биде ли поинаку?