До крајот на годината невозможно е да има зголемување на платите на здравствените работници и потпишување на нов колективен договор како што бараат синдикатите, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Тој одговори на новинарско прашање дали со ребалансот на буџетот ќе има пари за поголеми плати за здравствените работиници, посочувајќи дека со синдикатите веќе преговараат.
Таравари рече дека поради огромниот буџетски дефицит невозможно е да има зголемување на платите и дека ќе побара разбирање од синдикатите.
– Се надевам дека во здравството нема да има огромно скратување на буџетот бидејќи мора да преживееме и да поминеме до ноември оваа година. Со синдикатите имав еден состанок, повторно ќе имам и ќе побарам од нив разбирање за евентуално да се договориме за идната година. Оваа година практично е невозможно да се донесе нов колективен договор, рече Таравари по посетата на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.
Пари за вработувања во здравството, како што рече, ќе има.
-Вработувања секако ќе има. Но, покачување на платите и потпишување на нов колективен договор по барање на синдикатите, искрено тешко е да се спроведе до крајот на оваа буџетска година, вели Таравари.
Независниот синдикат на здравствените работници и Здружението на приватни лекари пред еден месец посочија дека имаат повеќе барања што треба да се исполнат во насока на нивно решавање, како зголемувањето на платите во здравството, решевање на статусот на лекарите и медицинските сестри кои работат, а немаат пензинско и здравствено осигурување, како и одложување на пензионирањето на матичните лекари.