Првиот дел од голема донација од 250.000 вакцини „Фајзер“ од Италија вчера беше презеден од македонското министерство за здравство. Донацијата од италијанската Влада се реализира преку механизмот Ковакс и УНИЦЕФ. Во среда се очекува да пристигне и втората пратка.
Министерот за здравство Беким Сали се заблагодари за донацијата на Владата на Италија, а на граѓаните им порача дека Министерството за здравство во континуитет се грижи да имаме доволен број на вакцини.
– Министерството за здравство во континуитет се грижи за да имаме доволен број на вакцини. Вакцините се сигурни, безбедни и на сигурно место во Институтот за трансфузиологија, рече Сали.
Од друга страна, прашањето кое се наметнува е дали овие вакцини ќе бидат брзо употребени со оглед дека последниве недели во Македонија има вишок на вакцини на „Фајзер“ кои се неупотребени. Пред две недели, надлежните здравствени власти соопштија дека за три месеци е продолжен рокот за употреба на вакцините Фајзер кои се пред истекување. Со тоа нема да се фрлат над 300 илјади дози кои близу 6 месеци останаа во фрижидерите поради слабиот интерес за вакцинација. Во документот потпишан од „Малмед“ вакцините кои требаше да истечат во јануари, февруари и март со ова одобрение ќе продолжат да се користат до април, мај и јуни, но нема да се одмрзнуваат. Вакцината Фајзер има рок на траење од 6 месеци од производството до испораката, но властите се согласија да го продолжат овој рок на траење до 9 месеци со тоа што ќе ги задржат замрзнати на -90 степени.
-Продолжувањето на рокот на траење се однесува на ампулите произведени по наведениот датум на одобрување, односно по 20 октомври 2021 година. Вакцините се безбедни за употреба и по продолжувањето на рокот на траење, изјавија тогаш од Министерството за здравство.