Испораката и доаѓањето на вакцините против корона вирусот во Македонија денеска доби нов датум. Вакцините сега по најново ќе дојдат во… април. Ова го најави на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче кој рече дека вакцините ги очекуваме до крајот на овој или во почетокот на следниот месец – преку Ковакс системот.
–Во однос на набавките на вакцините тоа што се очекува со оглед на промените кои настанува од информациите на добавувачите, ова може да биде нешто што временски може да се одолговлечи некое време. Меѓутоа, во следниот период до крајот на овој месец, почетокот на следниот, очекуваме да профункцинира Ковакс системот, преку кој што би стигнале околу 100.000 вакцини, рече тој.
Преку Ковакс системот Македонија треба да добие вакцини на „АстраЗенека“ при што за наша земја се предвидени 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината.
Дали така и ќе биде останува да се види. Но, ова е нов термин, нов месец за кој се најавува испораката на вакцините. Надлежните во изминативе месеци постојано ни најавуваа пристигнувањата за „следниот месец“. Така, на пример, премиерот Заев на 15 февруари годинава најави дека „до крајот на февруари“ ќе добиеме 200.000 кинески вакцини… Потоа, на 4 март пак Заев најави дека „до крајот на март“ ќе пристигнат 21.000 дози од директните преговори со „Фајзер“. Од овој производител, инаку, имаме нарачано околу 800.000 дози вакцини.
Од друга страна, по стопирањата на вакцинирањето со вакцинатана „АстраЗенека“ во повеќе земји, се јави дилемата дали таа треба да се употребува и за наши граѓани.
– За утре е закажан состанок на Комитетот за безбедност на ЕМА, поточно на Европската агенција лекови, на која ќе се анализираат несканите случаи поврзани со „АстраЗенека“. Тие се навистина малку во однос на вкупниот број на вакцини кои што се дадени. Сите експерти од нашиот тим ги пратат и несаканите ефекти од страна на оваа вакцина, одлуките на националите агенции, а ќе се водиме секако според официјалните препораки како на ЕМА, така и на производителот, соопшти Филипче.
Филипче посочи дека според последните информации, компанијата „Фајзер“ го подигала нивото на внимателност во однос на сите земји со кои што сега преговара, и веројатно ќе бара некои построги критериуми.
-Ние денеска ќе го добиеме тој документ така најавија, во однос на тоа што точно ќе се бара и ќе ја известиме јавноста но сакам да кажам дека јасно ни беше кажано дека овие мерки на внимателност важат за буквално сите земји во светот и веројатно тоа е една од причините зошто толку се чека на деталите за овој договор, рече Филипче.