Во историјата на македонското револуционерно движење настанот со грабнувањето на американската мисионерка Мис Елен Стон има посебно значење. Грабнувањето што го извршила четата на Јане Сандански силно го свртело вниманието на борбата на македонските раволуционери за слобода. Меѓу учесниците во грабнувањето што се случило во април 1901 година бил и тогаш 19-годишиот Добри Даскалов, кој веќе тогаш ја доби довербата да биде во четата на „Пиринскиот цар“-Јане Сандански. Даскалов зема непосредно учество во грабнувањето на мисионерката Мис Елен Стон, со која фамилијата Даскалови, како протестантска фамилија од порано имала добри пријателски и деловни врски. По овој настан, по налог на Организацијата, кон крајот на 1901 година Даскалов е префрлен во четата на струмичкиот војвода Христо Чернопеев и со што почнува негова уште поголема револуционерна дејност.
Инаку, Даскалов е роден е во Кавадарци, на 13 ноември 1822 година, во свештеничко протестантско семејство, од татко Захарија и мајка Марија. Неговиот татко бил свештеник, образован, културен и прогресивен човек кој отворено ги прифаќа револуционерните идеи на македонската револуционерна организација, а неговата мајка, многу време посветила на воспитувањето на нејзините деца. Основното образование и нижа трикласна гимназија Добри завршил во Кавадарци, а потоа продолжил да учи во егзархиската гимназија во Солун. Од Солун своето образование го продолжил во Самоков, Бугарија, каде во учебната 1896/97 година, се запишал на протестантското Железарско училиште. Токму таму во Самоков Добри Даскалов ја започнува својата револуционерна дејност и станува член на револуционерниот кружок „Трајко Китинчев“. Решавачка средба за неговото вклучување во револуционерното движење била во мај 1902 година кога во Софија се сретнал со идеологот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев. Оваа средба многу силно влијаела врз неговата решителност да истрае во спроведувањето на револуционерното дело.
Во пролетта 1904 година, Даскалов влегува во Тиквешијата на чело на една добро опремена и обучена чета. Тој од страна на Околискиот Комитет е наименуван за тиквешки околиски војвода. Во почетокот на мај 1904 војводата Добри Даскалов како делегат од Тиквешијата, заедно со Пешо Самарџиев учествуваат на Прилепскиот подвижен конгрес на ТМОРО. Тој потоа станува еден од водечките револуционери и предводници на македонскиот народ од Тиквешкиот крај во борбата за ослободување од долговековното турско ропство.
Во втората половина на август 1904 година неговата чета води жестока борба против турската војска кај месноста „ Градот“ близу с. Праведник. Во јуни 1905 година Добри Даскалов учествува на Солунскиот конгрес, на кој е избран за делегат од Солунскиот округ за престојниот конгрес на Организацијата во Рилскиот манастир.
На 13 јули 1905 година неговата чета води тешка борба со поголема турска војска и полицијата во селото Ресава. Во оваа жестока борба загинале двајца борци од Добревата чета, а неколкумина од нив се ранети. По повлекувањето на војската убиени се петмина селани, а селото Ресава било целото запалено. Во август истата година здружените чети на војводите Добри Даскалов и Пешо Самарџиев водат голема борба кај месноста „ Трника“ во близина на с. Мрежичко, во која успеваат да и нанесат големи загуби на турската војска.
Во август 1905 година Добри Даскалов заедно со Тодор Поп Антов како делегати од Солунскиот револуционерен округ учествуваат на општиот конгрес на ТМОРО што се одржа во конаците на Рилскиот манастир. Во текот на 1906 и 1907 година со својата чета води енергична и жестока борба за чистење на Тиквешијата и Кожуф од присуството на врховистичките чети и емисари. Откако се уверуваат дека војнички не ќе можат да го скршат и победат врховистите се обидуваат тоа да го сторат по пат на преговори. Меѓутоа, на преговорите, јасно им ставил до знаење на врховистите дека е против поделбата на Македонија и се залага за принципот Македонија на Македонците.
– Нашата борба е борба на целиот наш народ. Таа ја расчистува темнината и носи светол сончев ден – слободата…, зборуваше на народот Дасклов
Во 1909 година Добри Даскалов е еден од основачите на Народната Федеративна партија во Кавадарци. На основачкиот конгрес во Солун Добри даскалов е избран за член на извршниот одбор. Меѓутоа, само една година по основачкиот конгрес, кон крајот на 1910 година младотурскиот режим ја забранува работата на НФП.
Но, таквата негова активност им пречела на непријателите на македонската борба. На денешен ден пред 111 години, на 20 јуни 1912 г. Кавадарци го потресува неговото убиство. Имено, пред портата од неговата семејна куќа, од страна на Крсто Ристов Кимов од селото Грвавец, бил убиен Добри Даскалов, во моментот кога до рацете ја држел неговата девет месечна ќерка Невенка. Убиството на Добри Даскалов било извршено по налог на прилепскиот војвода Милан Ѓурлуков. Со убиството на Добри Даскалов и бил нанесен силен удар на Револуционерната организација во Тиквешијата, особено на приврзаниците на т.н. Серска група – Сандисти, какви што биле Добри Даскалов, Ило Боцев, Мишо Шкартов, Ристо Јосифов, Тодор Камчев и др.