Добро е, но само ако се спроведе како што треба: На конкурс се бараат директори за 6 скопски претпријатија

Јавен конкурс за избор на директори на шест јавни претпријатија од вкупно осум кои се во надлежност на градот е распишан од страна на Градот Скопје. Во моментов во тек се конкурси за избор на директори на јавните претпријатија „Градски паркинг“, „Паркови и зеленило“, „Улици и патишта“, „Водовод и канализација“, „Дрисла“ и „Лајка“. Не е распишан конкурс за избор на нов директор на ЈП „Комунална хигиена“ каде на актуелниот в.д. директор му остана уште еден месец од предвидениот мандат и за првиот човек на ЈСП „Скопје“ каде неодамна беше именуван нов в.д. доректор.

– Јавните конкурси за избор на директор во јавните претпријатија се објавуваат во согласност со член 19-а и член 23 од Законот за јавните претпријатија. На јавниот конкурс за избор на директор може да аплицира секој кандидат што ги исполнува условите наведени во конкурсот. Назначувањето на в.д. директор согласно Законот за јавните претпријатија, не може да трае повеќе од 6 месеци. Кога директорот е избран на јавното претпријатие, мандатот му трае 4 години, соопштија од Град Скопје.

Во објавените конкурси, кои траат до 15 јуни, се прецизирани и условите што треба да ги исполнат заинтересираните кандидати: државјанство, соодветно образование, петгодишно работно искуство, меѓународен сертификат за активно познавање англиски јазик, а со овие документи мора да се достави и предлог програма за работа и развој на претпријатието за чие директорско место се аплицира.

Добро е ако ова се спроведе како што треба. На прашањата на медиумите дали, всушност, огласите се објавуваат само за да се потврди формално изборот на актуелните в. д. директори преку законски испочитувана процедура, од Градот одговорија негативно.

-Не значи дека ќе останат истите директори, може да аплицира секој кој ги исполнува наведените услови и дека е можно да се јават и кандидати со подобри квалификации, изјавија од Градот Скопје.

Претходна вестМладите во Србија од денеска добиваат помош од по 100 евра
Следна вестОбвинение против Лидија Димова и уште две лица за злоупотреба на 320.000 евра европски пари