Сменет е малку ликот на Клиничкиот центар во Скопје, особено ако се влегува од главниот влез. На ова денеска се осврнаа и од министерството за здравство преку Фејсбук.
-Во изминатиот период, во клиничкиот кампус „Мајка Тереза“ интензивно се работи за подобрување на инфраструктурата. Направени се неколку реконструкции, корекции и изработка на решенија за подобра експлоатација на инфраструктурата.
Реконструирана и рехабилитирана е постојната улична мрежа и целосно решен проблемот со влезовите и со излезите од комплексот кон градските улици, напишале во соопштението.
Видливо е дека се направени подобри услови за движење на возилата за итна медицинска помош. Ставена е нова урбана опрема: клупи, фонтани, чешми, ниско и високо зеленило.
-Во непосредна околина на Унивезитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, во кампусот на Клинички центар Мајка Тереза“ целосно е расчистен теренот од старите објекти во близина на инфективна клиника, старите бараки „Медицинар“. Со ова, се оформи и директен пристап до инфективната клиника од ул. „Белградска“, со цел да се сепарира движењето на пациентите со симптоми на Ковид-19 од останатите пациенти кои влегуваат на главната капија на клиничкиот кампус „Мајка Тереза“, посочуваат од министерството.
Не е посочено само до каде е постапката за изградба на многу најавуваниот нов клинички центар.