Субвенции за инвертори на 10 дена пред избори, аплицирањето електронски

Отворен е повикот на Град Скопје за субвенционирање за набавка на инвертер клими. Граѓаните ќе можат да аплицираат само електронски. Тоа значи дека апликациите нема да се примаат во барака 16 како што беше досега кога се делеа субвенции за велосипеди и тротинети.

Град Скопје го слушна гласот на скопјани, па аплицирањето за субвенции што стартуваше вчера ќе биде електронски за да се избегне метежот од стотици луѓе кои чекаат пред вратата на општината. Граѓаните реагираа затоа што се плашат да стојат набиени во редови чекајќи да ги поднесат апликациите за субвенции , а ги имаше неколку во предизборниот период.

-Согласно со условите на овој јавен повик се отвора можноста за над 5.000 граѓани на Скопје да им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер уред, но не поголема од 62.000 денари во нето износ. Сите граѓани на територија на Град Скопје кои немаат искористено субвенции за затоплување на своето домаќинство од Градот Скопје и кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење во објектот каде што ќе биде инсталиран уредот имаат право да учествуваат на повикот, објаснуваат од градот.

Но скопјани не реагираа само за метежот, туку и за тајмингот кога сето ова се направи во среде изборна кампања. И не само субвенциите за инвертори кои инаку се најавија уште лани, во предизборието се понудија и субвенции за чистење на оџаци, како и за велосипеди и електрични тротинети. Скопјани коментираат:

-Не сме наивни. Субвенции за електрични тротинети и велосипеди пред избори, субвенции за инвертори пак пред избори, зарем се уште некој верува дека имаме толку ниско ниво на интелегенција и нема да разбереме што се сака да се постигне?!, пишува Сања А.

Што се однесува до условите за добивање субвенции, меѓу другото, граѓаните треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, нафта или мазут. Средствата за оваа намена ги обезбедила Владата и изнесува 322 милиони и 400 илјади денари.

Претходна вестПретпладне сонце, попладне облачно со дожд и ветaр
Следна вестШто ги поврзува Скопје и Битола?