Од дивите депонии распослани низ Скопје собран за 50 отсто повеќе отпад од лани

Секој агол неодговорни скопјани го направија мини дива депонија. Тоа се гледа и на терен, но и од фактот пренесен од комуналците дека во првите шест месеци од годинава од диви депонии во Скопје биле отстранети 7.081 кубни метри отпад, што претставува зголемување од над 52 проценти во однос на расчистените диви депонии на јавни површини во истиот период минатата година.

Од ЈП „Комунална хигиена“ додаваат и дека во периодот јануари-јуни годинава работниците подигнале и транспортирале вкупно 74.578 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот.

Со цел спречување на ширењето на Ковид-19, скопското јавно претпријатие во овој период секојдневно спроведуваше машинско миење со автоцистерни и дезинфекција на сите булевари и поголеми улици во градот.

-И во претстојниот период наш врвен приоритет ќе остане заштитата на јавното здравје и намалувањето на ризикот за проширување на коронавирусот. Во таа насока, неодамна беше отворено и ново одделение за грижа за корисници, при што на граѓаните им ја понудивме можноста за онлајн плаќање на побарувањата за собирање и транспорт на комуналниот отпад, со цел полесен, побрз и побезбеден пристап до услугите од доменот на административното работење, изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.

Претходна вестИнфективното одделение во Штип преполно со пациенти, стапува на сила планот Б
Следна вестГази Баба со најголем скок на активни на Ковид 19 – стаса до 193