Додека Заев се мисли за советници, министри почнаа да ангажираат сниматели, водители…

Пред околу еден месец премиерот Зоран Заев рече дека се уште нема назначено ниту еден советник од кого би примал совети. Сепак, најави дека ќе има посебен кабинет на советници на премиерот и дека за тоа допрва ќе донесе одлуки кои ќе и ги соопшти на јавноста.

А јавноста очекува Владата да има помалку трошоци, да штеди, посебно на советниците. Да не се случува на список премиерот да има околу шеесетина внатрешни и надворешни советници кои се плаќани со по илјада, илјада и двестотини евра секој месец.

Но, ако премиерот најави дека допрва ќе види колку и какви советници ќе има неговите министри веќе си ги избираат советниците. Министерот за земјоделие Арјанит Хоџа веќе го ангажира снимателот и монтажер Тони Николовски, сопруг на поранешната советничка на премиерот Зоран Заев, Ленче Николовска, како „посебен советник за односи со јавност“. Ваква инфорамција ја објави ИРЛ наведувајќи дека Николовски работел како монтажер и снимател во Македонската национална телевизија, Канал 5 и во  А1 Телевизија. По затворањето на А1, Николовски бил задолжен за видео продукција во семејниот интернет портал. Од 2015 до неодамна Николовски бил снимател и монтажер во државната турска новинска агенција Анадолу.

Од друга страна, телевизиската водителката Зорица Андреева е ангажирана како „советник за евроинтеграции“ на министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска. Андреева е поранешна сопственичка на бутик, а работела како водителка на емисии на ТВ Сонце, АБ Канал и на ТВ 24.

Колкави плати треба да добиваат овие советници не е познато…

Претходна вестКако територијата на Македонија „магично“ се намали за скоро 300 квадратни километри?
Следна вестВозило удри во двајца пешаци во Скопје