Дојави за подметнати бомби прекинаа настава во пет скопски средни училишта

Средношколците од пет скопски средни училишта – „Орце Николов“,  „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“,„ Раде Јовчевски-Корчагин“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“ – денеска околу пладне беа итно евекуирани од објектите поради примена дојава за подметнати бомби. Заканувачките пораки се добиени по електронска пошта во сите овие училишта. Во училиштата се пристигнати екипи на МВР со кучиња трагачи, а децата се изнесени надвор и се ослободени од настава.

-Имавме шести час во првата смена кога ни рекоа дека треба брзо да ги напуштиме училниците. Професорите и чистачките не ни рекоа дека треба да се изврши прскањето за дезинфекција и да побрзаме. Нам ни беше чудно од каде толакаво брзање за едно прскање, ни рече една ученичка од гимназијата „Јосип Броз Тито“.

Случајот го потврди и МВР.

-Денеска во СВР Скопје е пријавено дека на меил адреси на пет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за раасчистување на случајот, информира МВР.

Претходна вестПретепан уредникот на „Буревесник“, Зоран Божиновски
Следна вестДвајца полицајци побарале и зеле поткуп за да не казнат за поминување на црвено