По големиот број на пријави на граѓаните на општината, Секторот за инспекциски работи на Општина Центар почнува акција за мерење на бучавата во угостителските објекти, кафе-баровите и останатите локали.
Во наредниот период, овластени инспектори од Општина Центар, со помош на инструменти за мерење бучава, ќе вршат зачестени контроли во сите угостителски локали, а особено во оние за кои од граѓаните до општината има пристигнато најмногу пријави.
Апелираат до кафе-баровите, рестораните и останатите угостителски објекти, како и до нивните управители и сопственици, да се воздржат од пуштање гласна музика, да се придржуваат до постоечките правилници и да ги почитуваат законските решенија за дозволена гласност.
– Доколку инспекторите на терен констатираат надминување на дозволеното ниво на гласност и се констатира непридржување до пропишаните гранични вредности, ќе се изречат соодветни казни и санкции во согласност со Законот за заштита од бучава во животната средина, велат од општината.
Добро е што инспекторите ќе ја мерат бучавата во Центар, но не е само Центар бучен. Отворени тераси на кафулиња со гласна музика има и во Карпош, Аеродром, Влае, Бутел…Што со нив? Што и со другите извори на бучавост кои не водат гајле за децибелите? Оти не е само гласната музика бучавост!