Доктори од „Козле“ бараат итно разрешување на директорката Симоновска заради уништување на клиниката

На 18 декември 2024 година, група доктори од ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ во Скопје упатија официјално протестно писмо до премиерот на Македонија, министерот за здравство, и националниот координатор за здравство. Писмото, потпишано од 30 доктори, ја изразува загриженоста за катастрофалната состојба во која се наоѓа болницата, која повеќе од 50 години се сметала за еден од столбовите на детската здравствена заштита во државата.

Докторите наведуваат сериозни проблеми во управувањето со клиниката од страна на актуелната директорка, Каролина Симоновска. Тие ја обвинуваат директорката за нестручно раководење и сериозни пропусти кои ја доведоа клиниката до крајна деградација, особено во областа на бронхоскопијата. Се вели дека, по нејзиното назначување за директор, бројот на извршени бронхоскопии паднал од 67 во 2023 година на само три во текот на 2024 година, што се смета за директно уништување на важна медицинска дејност која е клучна за лечење на децата.

Докторите обвинуваат дека директорката ја попречува нормалната работа на клиниката, нелегално разрешува стручни и искусни кадри, додека истовремено поставува на значајни позиции лекари без доволно искуство. Во писмото се наведува и дека се менуваат дежурства без логика, а бројот на лекари во дежурства е значително намален, што ги става вработените во опасност и директно ги загрозува здравјето на пациентите.

-Континуирано се служи со обвинувања на колеги за неспособност за организација и за несовесно работење, а одлуките ги донесува без консултација со лекарскиот колегиум, се вели во писмото. Дополнително, тие ја обвинуваат директорката за мобинг и психолошки притисок врз персоналот, што предизвикало несигурност и нарушување на нормалните услови за работа.

Докторите изразуваат протест и бараат итно разрешување на директорката, велејќи дека ако ситуацијата не се промени, се подготвени да го прекинат работењето, дури и да стапат на штрајк или да поднесат откази. Тие апелираат за назначување нов директор кој ќе биде поддржан од лекарскиот колегиум и кој ќе може да ја врати болницата на патот на успехот.

-Покажете доблест и назначете директор кој ќе биде поддржан од лекарскиот колегиум. Таквиот чин многукратно ќе Ве награди, се заклучува во писмото.

Претходна вестПочесниот конзул на Косово, Арсим Папранику на распит во полиција
Следна вестБитолско претрпијатие работело со загуби, а директорот делел бонуси без правен основ – поднесено е обвинение