Прва трансплантација на коска извршена е вчера на Клиниката за ортопедија благодарение на одлуката на семејството на починатата Верица Белчовска да донира неколку нејзини органи. Првата трансплантација на коска е извршена кај 19-годишен пациент во операцијата која, како што соопшти Министерството за здравство, траела пет часа.
-Тимот од хирурзи предводен од проф. д-р Милан Самарџиски и д-р Александар Трајановски ја заврши комплексната операција на замена на малигно променето коскено ткиво со здраво ткиво од починат донатор кај пациент кој се лекува од малиген тумор на коска, по претходно спроведена биопсија и хемотерапија. Ова е прв ваков тип на интервенција на замена на оштетено коскено ткиво со дониран алографт. Во тимот учествуваа и д-р Далип Јахја, д-р Милена Богојевска Доксевска, д-р Александар Савески, д-р Резеарт Далипи, како и васкуларниот хирург д-р Никола Граматниковски, се наведува во соопштението.
Досега од починатиот донор се трансплантирани срце и два бубрега.
-Коскените трансплантанти имаат огромен бенефит за пациентите и се користат кај оштетувања на скелетот предизвикани од бенигни и малигни тумори, состојби после трауми, последици од пропаднати ендопротези, вродени аномалии како и кај ред други заболувања кои прават оштетувања на скелетот, укажува Министерството за здравство.